Корисни совети

Навикнување на кучето на своето име, водење на поводник и сл

c

Навикнување на кучето на своето име, водење на поводник и сл

Не треба да се мисли дека е лесно да се пријде на непознато куче и да му се стави огрлица околу вратот, маска на муцката или да му се прикачи поводник и да се работи со него. Тоа не е така едноставно. Пред стартот на обуката, дресерот мора да го навикне кучето на своето присуство, кучето да стекне верба во него и да го запознае со предметите и опремата за дресура.

Кучињата брзо се навикнуваат да се одзиваат на име, на носење огрлица и водење на поводник уште додека се мали. Но, ако кучето сеуште нема име и не е научено да носи огрлица и да оди со поводник, тогаш обуката треба да започне веднаш, во спротивно нема да ги добиеме посакуваните резултати.
Навикнувањето на кучето да се одзива на своето име се прави во затворена просторија. Дресерот внимателно треба да отвари врата и со благ и мирен глас да го повика кучето и да го наградува со парче месо, веднаш штом кучето ќе погледне во негов правец. Давајќи му месо на кучето, треба да му го повторува името. Доколку кучето не реагира на името, дресерот треба да повтори се од почеток. Ако кучето претходно добивало месо, тоа брзо ќе дојде кај дресерот, штом овој го викне. Тогаш дресерот мора да го повтори името на кучето, да му даде месо, да го пофали и да го погали. Во иднина, секогаш кога му се приоѓа на кучето или кога истото се вика да дојде, треба да се повторува неговото име. Првите неколку дена, дресерот треба да настојува кучето да му пријде веднаш штом му покаже парче месо. Потоа ќе треба да го навикне да пријде само на командата ДОЈДИ. Доколку пред да му се даде наредба ДОЈДИ, кучето се викне по име, тоа ќе се навикне на своето име.

Кучето, за време на игра и прошетка, се навикнува на огрлицата и на водењето со поводник. Пред да му пријде на кучето, дресерот мора да ја спреми огрлицата на која треба да има закачено долг поводник, да го викне кучето по име, да го погали и во исто време многу внимателно да му ја стави огрлицата околу врат. Ако кучето покаже знаци на немир или пробува да ја оттргне огрлицата, дресерот треба веднаш да го изнесе надвор и да му го оттргне вниманието со игра. Понесен од играта за време на прошетка, кучето заборава на огрлицата. За време на прошетката, потребно е неколку пати да се тргне и повторно да се стави огрлицата. Бидејќи кучето ќе се навикне на огрлицата и веќе нема да пробува да ја оттргне, може да се почне со прошетка на поводник. Должината на поводникот треба полека да се скратува и да се навикнува кучето да оди поред ногата на дресерот. Поводникот треба да се прикачи за огрлицата во моментот кога кучето ја напушта затворената просторија. На тој начин, тоа ќе почне ставањето на огрлицата и закачувањето на поводникот да го поврзува со прошетка. За еден до два дена, кучето ќе се привикне на поводникот и ке му остане рамнодушен. По завршената обука или прошетка, препорачливо е огрлицата да се извади за влакната на тоа место не се оштетат.

Маска на муцката се става како би се избегнало кучето да гризне човек или некое друго животно. Дресерот мора да знае брзо и правилно да ја стави маската на муцката на кучето. Најдобро е кучето да се привикне на маската за време на прошетка. Маската се става на следниов начин: со левата рака се држи каишката блиску до огрлицата, а со десната рака, внимателно се навлекува на муцката и притоа се закопчува со другата рака. Ако кучето проба да ја извади маската, што се случува доста често, треба да му се оттргне внимание со нешто друго. Ако е премногу возбудено и пробува да ја извади маската со шепите, дресерот мора со повишен тон да ја изговори командата ФУЈ и силно да го потегне поводникот. Некои кучиња ‘ржат и скокаат на дресерот додека пробуваат да ја извадат маската. Во тој случај, неопходно е да се употреби стапче. Ако кучето добро се справува со маска и нема проблем со неа, треба да се награди со милување. За кучето да не се плаши од маската и што побрзо да се навикне на неа, понекогаш треба да се храни со месо додека му се закачува истата. Што повеќе кучето се навикнува на маската, тоа повеќе треба да се тера да ја носи подолго.
Кучето обавезно мора да носи маска за време на прошетка по улица и на места каде што има многу луѓе, за време на возење во воз, кола или пловечки објекти.