Новости

Животот во скопската Зоолошка градина зиме

304747-fokite-od-zagreb-zaplivaa-vo-svojot-nov-dom-vo-skopje

Со доаѓањето на студените денови, односно како што паѓаат температурите, доаѓаат и промени во скопската Зоолошка градина во однос на чувањето на животните и нивната исхрана. Одредените видови животни си бараат посебни услови за чување. Тропските животни се засолнуваат во своите зимски живеалишта, а планинските и сибирските едвај чекаат да падне првиот снег.

Директорот на градина Јорданчо Милошевски, за Нова Македонија вели дека Зоолошката градина одамна е подготвена за зимата, набавивме доволно храна и слама, а со најлон се покриваат одредени живеалишта за да нема ветер, односно прават сѐ за животните во подобри услови да ја поминат зимата. Тековно си се одвиваат сите други работи, без оглед на временските услови. Подготовките почнуваат уште од почетокот на ноември. Посебен акцент се става на исхраната на животните и на затоплувањето на нивните живеалишта.

– Еден од начините на справување со ниските температури е подготвувањето на храната според зимските таблици за исхрана на животните. Од почетокот на ноември почна да се применува зимската хранителна таблица за животните. Тој начин на исхрана е карактеристичен со тоа што се дава поголемо количество храна, бидејќи зиме животните трошат повеќе калории поради ниските температури. Покрај зголемувањето на количеството на оброкот, се подобрува и квалитетот на исхраната со додавање витамини и минерали – вели Милошевски.

Живеалиштата на животните што се од потоплите краишта, односно егзотичните животни, мора да имаат греење. Најчесто тоа се прави со подно греење и во текот на зимата да имаат соодветна температура, а најчесто околу дваесет степени. Ако времето е многу ладно, како и минатата година, кога температурите се спуштија десетина степени под нулата, па и пониско, се додаваат дополнителни грејни тела во живеалиштата.

Во овие зимски услови најмногу уживаат оние животни што се од северните краишта, како сибирските тигри и снежниот був, кои едвај чекаат да падне снег, а на снегот минатата зима најмногу му се израдувале мајмуните, кои уживале во играта.

– Дел животни се навикнати на зимските услови на живеење. Иако поголем дел од зимата тие го поминуваат затворени во своите топли живеалишта, во деновите кога има сонце и е потопло негувателите ги пуштаат надвор 15-30 минути, да протрчаат, да земат свеж воздух, да го видат снегот. Исто така, ги пуштаат надвор за да се проветрат просториите во кои презимуваат – додава Милошевски.

Ветеринарите во Зоолошката градина им посветуваат многу внимание на животните, а најмногу се грижат за животните што очекуваат младенчиња. За нив се подготвуваат посебни простории за младенчињата да се родат во топли и суви услови.

Пренесува – http://skopjeinfo.mk/